ПРЕБИРЛИВОСТ ВО ИСХРАНАТА – 6 СТРАТЕГИИ

Од Marija Magdalena Stojcovska
ПРЕБИРЛИВОСТ ВО ИСХРАНАТА - 6 СТРАТЕГИИ

Пребирливоста во исхраната кај децата е чест предизвик со кој се соочуваат многу родители. Па може да биде особено тешко вашето дете да има здрава и балансирана исхрана кога јаде храна која можете да ја изброите на една рака. Подолу прочитајте неколку начини и стратегии кои можат да им помогнат на родителите кои се справуваат со овој предизвик.

Пребирливоста во исхраната може да биде само нормална развојна фаза

Важно е да имате на ум дека пребирливоста во исхраната може да биде само типична фаза од развојот на детето. Децата често поминуваат низ фази каде што се двоумат да пробаат нова храна и може да биде потребно повеќекратно изложување на нова храна пред да се чувствуваат сигурно да ја пробаат и да им се допадне. Родителите треба да бидат трпеливи и да не ги присилуваат да пробаат храна која им е нова и можеби дури и воопшто не им е вкусна.

Дозволете им да имаат избор

Една ефикасна стратегија е да ги вклучите во изборот и подготовката на оброците. Ова може да им помогне на децата да се чувствуваат повеќе поврзани со храната што ја јадат и повеќе да се подготвени да пробуваат нови работи. Родителите можат заедно со своите деца да пазарат намирници и да им дозволат да изберат овошје и зеленчук што им се допаѓаат. Исто можат да ги поттикнат своите деца да помогнат во подготовката на оброците со тоа што ќе ги измијат зеленчукот или ќе ги мешаат состојките. Исто така, кога нудите нова храна, секогаш понудете ја со безбедна храна која знаете дека вашето дете ќе ја јаде.

Направете ги оброците позитивно искуство

Оброците секогаш треба да бидат позитивно искуство. Избегнете да коментирате за тоа што вашето дете јаде или не јаде. Не давајте критики или пофалби дека пробале одредена храна. Наместо тоа фокусирајте се на самиот оброк, уживајте во храната, водете пријатен разговор со вашето дете и со останатите членови од семејството. Оброците би требало да бидат квалитетно време поминато со вашето дете.

Нудете разновидна храна

Обидете се постојано да нудите разновидна храна, со што ќе им овозможите на децата да бидат изложени на истата. Важно е да имате на ум дека некогаш ќе биде потребно повеќекратно изложување за детето воопшто да ја допре храната. Не се обесхрабрувајте и бидете трпеливи, и најважно, секогаш понудете безбесна храна која детето би ја јадело покрај новата храна.

Моделирање на добри навики за јадење

Родителите се првиот модел од кој децата учат, а тоа важи и при стекнување на навики во исхраната. Поголема е веројатноста детето да проба храна која ве има видено вас да ја јадете. Исто така, важно е родителите да не се премногу рестриктивни во сопствениот начин на исхрана, бидејќи тоа ненамерно може да ги научи децата да бидат пребирливи.

Бидете трпеливи и истрајни

Конечно, родителите треба да запомнат дека за прогрес треба време, а доследноста е клучна. Може да биде потребно повеќекратно изложување на нова храна пред детето да се чувствува удобно со неа, затоа родителите не треба да се откажуваат ако нивното дете првично одбие храна. Со следење на стратегиите, родителите можат да им помогнат на децата да внесат поразновидна храна во начинот на исхрана.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира