Вистинските мажи ги потиснуваат своите емоции. Вистинските мажи не бараат помош. Вистинските мажи се агресивни и апатични.
Ова се пораките кои општеството ги испраќа во однос на машкоста. Овие пораки доаѓаат од бројни извори: телевизија, филмови, видео игри и сл. Но, што е најважно овие пораки мажите ги добиваат од најважните личности во нивните животи, вклучувајќи ги нивните родители, врсници и едукатори.
А тоа се, погрешни и лажни пораки. И за жал, истите можат да нанесат голема штета врз личноста на момчињата.
Потиснувањето на емоциите може да ги саботира врските кои ги градиме, односно ако ги потиснуваме емоциите, како можеме да очекуваме здрави релации со луѓето околу нас?
Воспитувањето емоционално здрави момчиња, се базира на учење емпатија и препознавање и искажување на сопствените емоции.
Емоционално здрава личност се дефинира како: “Личност која е во допир со своето внатрешно јас и има способност да изрази целосен спектар од емоции, вклучувајќи тага, страв и љубов. И најважно, чувствува емпатија кон другите.”
Емоционално здрава личност не е еднакво на беспомошност, туку е способност да се справи со емоциите додека истовремено им дозволува да излезат на површина. Никогаш не е агресивност, туку е способност да се преземе акција и да се постават здрави граници .
Неколку начини како да воспитате емоционално здраво, емпатично и самоуверено момче:
1. Истражете го начинот на кој вие сте биле воспитувани
Голем дел од мажите, но и жените биле воспитувани на стариот начин, кој најчесто се базира на стоицизам, или поминување преку сите тешкотии без да дозволиме емоциите да излезат на површина. Важно е да бидете свесни за своето воспитување и колку истото може да влијае на начинот на кој вие ќе го воспитувате своето дете.
2. Создадете дом кој е безбедно место за нивните емоции
Дајте им безусловна љубов и поддршка и никогаш не ги осудувајте кога ги искажуваат своите емоции. Признавањето на сопствените грешки исто така може да помогне, тоа ќе остави простор за и тие да ги споделат своите грешки со вас и да бидат искрени.
3. Одржувајте дијалог
Како што момчињата растат, се потешко е да се надгледува влијанието кое медиумите го имаат. Но, доколку разговарате со нив за музиката која ја слушаат, филмовите и игрите кои им се допаѓаат и барате од нив да го објаснат значењето кое тие за нив го имаат, секогаш ќе знаете дали и кога би требало да реагирате.
4. Запознајте ги со различни култури и вистински херои
Изложувајте ги на други култури и религии, со што ќе развивате поврзаност со истите и ќе избегнете размислување ние наспроти тие. Заедно гледајте филмови и читајте книги кои прикажуваат вистински машки херои кај кои е истакната емоционалната интелигенција.
5. Помогнете им да развијат емпатија
Заедно волонтирајте, уште од најмала возраст. Одберете проект заедно и помогнете некому, дури и да е тоа носење на торбите на вашата сосетка. Моделирањето на ваквото однесување ќе има значајно влијание врз вашето дете.
Воспитувањето на емоционално здраво и емпатично момче може да биде особено тешко во свет кој глорифицира насилство. Давањето безусловна љубов и поддршка и безбеден простор каде што ќе може да ги изрази сите свои емоции, е првиот чекор.