„Ти си најлошата мајка на светот! Те мразам! Оди си!“
Бам. Директно во стомак. Го чувствувате оној познат јазол, нели? Се трудите, готвите, ги организирате нивните животи до секунда, поставувате една сосема фер граница и, добивате шамар со зборови.
☝️ (Понекогаш, покрај тешките зборови, детето реагира и физички. Дознајте повеќе од нашиот претходен блог пост: Зошто детето ве удира кога велите „не“).
Вашиот прв инстинкт? Да го сопрете тоа непочитување веднаш. Казна, викање, закани како “Уште еднаш кажи го тоа и ќе го фрлам таблетот!” или го праќаме во соба да „размисли“ за своите постапки..
🤔 Проблемот? Ова воопшто не помага. Еве зошто.
Зошто „лекциите“ паѓаат во вода?
Казните и предавањата имаат за цел да го научат детето дека одредено однесување не е во ред. Но, еве ја тајната: Вашето дете веќе знае дека тоа не е во ред.
Детето не вели „те мразам“ затоа што мисли дека тоа е пристоен начин на комуникација. Тоа го вели затоа што во тој момент е престимулирано. Кога детето е во афект, неговиот логичен дел од мозокот (оној што знае за правила и почит) е буквално „исклучен“. Останува само примитивниот мозок кој се бори да преживее.
Овој вербален испад е всушност класичен тантрум. (Ако често се соочувате со вакви изливи на емоции, прочитајте го и нашиот детален Водич за Тантруми: Како да спречите и да се справите со нив.
Кога тоа вреска, тоа всушност вели: „Мамо, во толку голем хаос сум што не знам како да се справам со оваа фрустрација и зборовите сами излетуваат!“
3 Чекори како да преживеете без да ја изгубите контролата
Наместо да го сфатите ова како личен напад, обидете се да ја видите емоцијата под однесувањето.
1️⃣ Бидете љубопитни, а не огорчени
Наместо да се фокусирате на „грдите“ зборови, запрашајте се: Што му се случува на моето дете во овој момент? Дали е премногу уморно? Кога ќе го смените фокусот од „непослушност“ кон „тешкотија“, вашиот тон природно се смирува.
2️⃣ Понудете емпатија (дури и кога е тешко)
Емпатијата не значи дека се согласувате со зборовите. Тоа значи дека ја разбирате болката. „Знам, душо. Навистина е тешко кога мора да го изгасиме цртаниот филм што толку многу ти се допаѓа.“ Оваа реченица е клучот кој го отклучува логичниот мозок на детето.
3️⃣ Бидете неговото „сигурно место“
Не брзајте да го поправате или да го казнувате. Кога ќе останете смирени додека тоа вреска дека ве мрази, вие му докажувате дека неговите најголеми и најхаотични емоции не можат да ве исплашат, ниту да ве одвратат од него. Му покажувате дека е безбедно дури и кога е „најлошо“.
Заклучок: Зборовите се само маскирана емоција
Кога детето ве испраќа во соба или вреска лоши работи, тоа всушност ви вели дека сте му потребни повеќе од кога било. Испраќањето во соба или заканите само прават да се чувствува уште понебезбедно во својот хаос.
Следниот пат кога ќе ги слушнете тие тешки зборови, вдишете длабоко. Вие не сте лош родител и немате лошо дете. Имате само мал човек кој учи како да се носи со овој голем свет.
🧧 Бонус совет: Ако чувствувате дека и вие ќе „експлодирате“, во ред е да кажете: „Сега сум многу лута и ќе отидам во другата соба да се смирам две минути, па ќе се вратам да продолжиме.“ Со ова му покажувате (моделирате) како возрасен човек се справува со голем емотивен бран.

