Пишувам за музика постојано, бидејќи верувам дека таа е јазик што нè гради. Овојпат пишувам за почетокот, за оној прв момент кога детето посегнува по инструмент. Пишувам за тоа како да препознаеме дали е вистинското време, водени од љубов и трпение, а не од притисок и туѓи очекувања.
Помеѓу строгите возрасни граници на музичките школи и либералните ставови дека секое дете е уникатно, родителите често се во дилема како да ја препознаат вистинската подготвеност. Иако нема прецизна формула, ризикот е реален: ако започнеме прерано, музиката може да стане товар наместо радост, што често води до создавање отпор и предвремено откажување.
Она што е сигурно е дека музичкото образование носи огромни придобивки: го поттикнува развојот на мозокот, ја зајакнува самодисциплината и фокусот и им помага на децата да ги изразат емоциите.
Во овој текст ќе ги разгледаме најчестите препораки за секој инструмент без притисок, но со љубов кон музиката.
Изборот зависи од два главни фактора:
- Инструментот (некои се физички полесни за мали деца)
- Индивидуалната подготвеност на детето (внимание, моторика, интерес)

Специфики на инструментите: Од ударни до дувачки
🥁 Ударните инструменти како едни од најприродните што дури и несвесно ги изведуваат децата се најсигурен начин да се започне музичкото образование, најлесно е да се објасни на децата нешто што им звучи и им доаѓа природно.
🎻 Виолината како еден од најтешките инструменти и воедно најнеудобните инструменти за почетници треба да се започне само ако детето покажува голем интерес и е спремно да ја држи исправено додека чувствува непријатност во грбот, рамењата, рацете и прстите. Затоа се препорачува детето да биде што по физички спремно, изградено, и да има трпение во создавањето на звук бидејќи правилен звук на виолината успева многу подоцна од другите инструменти.
🎹 Пијаното од друга страна не предизвикува никаква непријатност на телото и затоа а многу полесен за навикнување на почетници. Позицијата на телото е природна само фрустрацијата дека прстите „ не ве слушаат„ е присутна. Но тоа не значи дека тоа е нешто лошо, ако оваа фрустрација детето ја искористи додека не направи нешто совршено, тоа е вистинската карактеристика што ќе му е потребна.
🎸 Гитарата прави непријатност во раката, но децата немаат проблем да ја свират, иако одеднаш се чувствуваат на рок ѕвезди, прстите што ги притискаат жиците можат да бидат пречка во напредокот.
🎷 Дувачките инструменти се доста комплексни за децата и бараат многу сила, што предизвикува голем напор во главата и дишењето, но и забите да им бидат развиени.

Препорачана возраст за почеток со инструмент
Исто така голем дел зависи од тоа дали детето може да се фокусира на некоја активност повеќе од 20 минути и да следи едноставни инструкции да може да изведува ритмички движења како аплауз и мелодиски изразувања. Најчестите грешки што родителите ги прават при започнување часови по инструмент вклучуваат избор на инструмент според сопствена преференца, притисок за прекумерна пракса и прекинување поради бавен напредок. Потребни се минимум 3 месеци за да се забележи дали инструментот одговара на детето или да се види некаков напредок.
| Инструмент | Пожелна возраст | Причина за препорака |
| Ударни инстр. | 4-5 години | Лесни за раце, развива чувство ритам |
| Клавир | 5-6 години | Координација на раце и прсти |
| Виолина, виолончело | 7-8 години | Неудобност во телото, тешко се произведува звук |
| Гитара | 7-8 години | Сила на прсти, големина на раце |
| Укулеле | 6-7 години | Мало, лесно за држење, пластични поудобни жици |
| Труба/Флејта | 7-9 години | Развој на забите, голем притисок во главата и доволен капацитет на белите дробови |
| Хармоника | 7-9 години | Голем товар за рамениците и рбетот, потребна е многу сила во рацете |
| Пеење | 6 7 години | Развивање на гласните жици, доволен капацитет на белите дробови |
На крајот, најдобриот момент за почеток е оној кога детето е доволно физички и емоционално зрело за конкретниот инструмент, а не оној што го диктираат туѓите очекувања.
Најважно е да го слушаме детето но и да му помогнеме да се слушне себеси. Музиката не е трка, ниту натпревар по возраст. Таа е јазик што се учи чекор по чекор, со трпение, радост и мали победи.
Ако детето покажува љубопитност охрабрете го. Но секако светот на музиката нема да побегне. Подобро е да почекате уште една година, отколку да го изгубите неговото природно воодушевување.
Запомнете: првите години од музичкото образование не се за совршен тон туку за љубов кон звукот, за играта со ритамот и за онаа мала искра кога детето ќе каже: „Ова го направив ЈАС.“

