Во нашата Онлајн Училница, денес отвораме една исклучително важна, но често невидлива тема. Со нас е Александра Миличинска Пановски, нашиот психолог и психотерапевт, која ќе зборува за еден феномен кој често се крие зад секојдневниот родителски комплимент: „Колку ти е зрело детето“. Зборот ѝ го предаваме на Александра, која со нејзиниот препознатлив, емпатичен пристап ќе ни објасни што навистина се случува кога улогите во домот ќе се сменат.
Сите сакаме нашите деца да бидат одговорни, емпатични и самостојни. Се гордееме кога ќе слушнеме: „Колку ти е зрел малиот!“ или „Колку е грижлива ќерка ти!“. Но, постои една тенка и опасна линија каде таа зрелост станува товар кој детските плеќи не треба да го носат. Таа појава се нарекува парентификација.
Парентификацијата е психолошки процес во кој детето презема улоги и одговорности што им припаѓаат на возрасните, најчесто родителите. Накратко: тоа е кога улогите во домот се превртуваат, па детето станува „родител“ на својот родител. Наместо да биде згрижено, детето станува оној што се грижи емоционално, физички или и двете.
Овој феномен често се јавува во семејства со психолошки нестабилен родител, зависности, хронични болести, развод или емиграција. Детето станува „соработник“, „терапевт“ или „заштитник“ на родителот, што води до прерано созревање и загубено детство.
Како да препознаете дали несвесно го парентификувате вашето дете?
Честопати ова се случува од немоќ, поради болест, развод, емиграција или преголем стрес. Но, свесноста е првиот чекор кон промена. Еве ги знаците на кои треба да обрнете внимание при преземање на несоодветни улоги:
1. Емоционалниот „терапевт“ во домот. Дали вашето дете е првата личност на која ѝ се доверувате кога сте тажни или лути на партнерот?
- Внимавајте: Ако му раскажувате за брачните проблеми, долговите или вашите депресивни епизоди, вие барате емоционална поддршка од некој кој сè уште ја гради својата емоционална стабилност.
- Детето го утешува родителот кој е депресивен или анксиозен.
- Детето почнува да ги „голта“ своите чувства за да не ве оптовари дополнително.
- Детето чувствува дека не смее да прави проблеми дома „за мама/тато да не биде тажна/тажен“.
- Во некои случаи, детето станува посредник во конфликти – го „смирува“ родителот или ги разделува родителите кога се расправаат.
2. Малиот „менаџер“ на домаќинството. Дали вашето дете ги презема сите обврски околу помалите браќа и сестри или домашните сметки?
- Внимавајте: Постои огромна разлика меѓу „помогни ми со садовите“ и „ти си одговорен дали брат ти јадел и дали е бањат“.
- Детето се грижи за помали браќа и сестри како возрасен. Готви, бања, приспива, проверува домашни.
- Кога детето го води системот дома затоа што вие не можете (физички или психички), тоа го губи правото на игра и безгрижност.
3. Миротворец и заштитник. Дали вашето дете „оди на прсти“ кога сте нервозни или се обидува да ве смири кога има конфликт?
- Внимавајте: Ако детето чувствува дека е негова должност да ја одржува мирот во куќата или да ве заштити од последиците на вашите одлуки (на пр. криење на зависности или лошо расположение), тоа живее во постојан стрес и хипервигилност (преголема претпазливост).
- Детето стои во „приправност“ да не дојде до конфликт, премолчува свои потреби за да не го вознемири родителот.
- Исто така, се обидува да го смири пијан родител или да го „скрие“ од соседите.
Зошто ова е опасно за неговата иднина?
Важно е да запомните: Детето кое е „премногу зрело“ не е секогаш супер-дете. Најчесто тоа е дете кое научило дека неговите потреби се помалку важни од потребите на родителот. Иако ваквите деца често делуваат „зрело за своите години“, зад тоа стои длабока внатрешна болка, страв од напуштање, чувство на вина и потиснати сопствени потреби.
Парентификуваните деца пораснуваат во возрасни кои:
- Не знаат да кажат „не“ и да постават граници.
- Чувствуваат вина кога се грижат за себе.
- Постојано бараат некој за кој треба да се грижат („спасители“ во врските).
- Се борат со анксиозност бидејќи целиот живот чувствувале контрола врз нешта кои биле преголеми за нив. Во зрелата доба, тоа може да се одрази како тешкотии со поставување граници, грижа за себе и создавање здрави односи.
Што можете да направите како родител?
Ако се препознавте во некои од примерите, не паѓајте во стапицата на самообвинување. Наместо тоа, дејствувајте:
- Вратете ги границите: Најдете возрасен пријател или терапевт за вашите емоционални празнења. Вашето дете не е ваш доверник.
- Дозволете му да биде дете: Ослободете го од одговорностите кои не се за негова возраст. Нека згреши, нека биде немирно, нека биде дете.
- Побарајте поддршка: Ако минувате низ тежок период, побарајте помош од институции или семејство, наместо да го користите детето како „патерица“.
Препознавањето и обработката на овие искуства преку психотерапија е важен чекор кон враќање на чувството за сопствена вредност и воспоставување здрави релации во животот.
Детството нема реприза. Наша должност како родители е да бидеме нивниот сигурен пристаниште, а не тие да бидат нашето.

Ако сметате дека оваа тема може да им биде корисна и на други родители, слободно споделете ја. 🤗 Некогаш една реченица може да донесе големо олеснување. А доколку имате потреба од дополнителни совети или сакате да отворите тема што ве засега, можете да ми пишете директно на Instagram 👉 @nova_prikazna_za_sebe
