СПРАВУВАЊЕ СО РИВАЛСТВО МЕЃУ БРАЌА И СЕСТРИ

Од Marija Magdalena Stojcovska

Ривалството помеѓу браќата и сестрите е вообичаен предизвик со кој се соочуваат скоро сите родители. Понекогаш, секојдневните расправии и несогласувања може да направат да се прашуваме како ефикасно да се справиме со овие ситуации. Бурната реакција може ненамерно да ја влоши ситуацијата, бидејќи децата постојано го бараат нашето внимание, па дури и негативното. Па, како можеме најдобро да се справиме со ривалството и да им помогнеме да развијат здрава и силна конекција?

Учење на согласност и граници

Еден особено важен пристап за справување со ривалството е подучувањето на границите на своето тело и согласноста уште од рана возраст. Како родители, можеме да моделираме посакувано однесување. И со тоа да им покажеме на децата како да го почитуваат личниот простор и границите на другите. На пример, кога вашето дете премногу грубо си игра со вас, нежно објаснете: „Ана, тоа е малку грубо. Не ми се допаѓа кога го правиш тоа. Запомни, кога некој ќе каже стоп, секогаш ги креваме рацете и престануваме“. Со подучувањето за тоа што значи согласност, им помагаме да постават основа за здрави интеракции во текот на целиот живот.

Развивање на самодоверба

Учењето на децата да се заштитат себе и своите потреби е од витално значење во справувањето со конфликтите со браќата и сестрите. Охрабрете го детето да каже како се чувствува велејќи: „Ева, кога не ти се допаѓа начинот на кој си игра Алек, кажи: „Не! Престани да ме удираш“.

Позитивно засилување

Позитивното засилување е од клучно значење кога вашето дете зборува за себе или ги почитува границите на својот брат или сестра. Кога ќе ве замоли да престанете да го скокоткате, уважете го нивното барање и одговорете: „Слушам дека велиш Не!”. Оваа позитивна повратна информација ги зајакнува нивните постапки, и е поверојатно да продолжат да ги користат своите новооткриени вештини.

Создавање безбеден простор за нивните емоции

За време на бурните моменти, од суштинско значење е да создадете безбеден простор за смирување на емоциите. Наместо да покажете фрустрација, обидете се да бидете смирени и самоуверени. На пример, ако забележите дека тензиите се зголемува, кажете: „Можам да видам дека и двајцата сте вознемирени. Ајде да си дадеме малку простор за да се смириме. Алек, ова е твојот простор овде, а Ева, твојот простор е тука“. Со обезбедување на безбедна средина, децата можат полесно да се смират и да ги обработат своите емоции.

Ривалството помеѓу браќата и сестрите е природен дел од растењето, но како родители, ние имаме моќ да им помогнеме да се справат со конфликтите. Учејќи ги да го почитуваат личниот простор, согласноста и да ја развијат својата самодоверба, им помагаме да развијат со основни вештини за справување во односите меѓу нив, но и пошироко. Позитивното засилување и создавањето безбеден простор за емоции дополнително придонесуваат за градење здрави релации. На овој начин им помагаме да изградат основа за силни врски базирани на љубов, кои ќе траат цел живот.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира