КАКО ДА ИМ ДАВАТЕ ПОФАЛБИ НА ВАШИТЕ ДЕЦА?

Од Marija Magdalena Stojcovska

Малите деца многу често слушаат “НЕ” од возрасните, па важно е да направите баланс давајќи им и пофалби. Внимателно дадените пофалби и охрабрувања, може да бидат клучни за развојот на самодовербата на вашето дете!

Прочитајте подолу неколку начини како да давате конструктивни пофалби.

БИДЕТЕ СПЕЦИФИЧНИ

Да речеме дека детето учи како да реди коцки, и има подобрување од последниот пат. Не кажувајте “Браво!” или “Колку си паметна!”. Наместо тоа, искористете описна пофалба: “Гледам дека правиш кула, сега ги ставаш малите коцки над големите, на овој начин кулата нема да се сруши. Сигурно си многу горда на неа!” Вака детето ќе знае за што добива пофалба, но и ќе добие валидација за трудот, а не за способноста.

ЗАБЛАГОДАРЕТЕ СЕ КОГА ДЕТЕТО СОРАБОТУВА СО ВАС

Користете специфични, позитивни зборови кога детето ќе исполни некоја задача која сте му ја задале. Валидирајте ја неговата помош и секогаш објаснете за што се заблагодарувате. На овој начин детето учи да ја цени помошта која ќе ја добива од другите и да ја препознава.

СТАВЕТЕ ФОКУС НА ПРОЦЕСОТ, А НЕ РЕЗУЛТАТОТ


Охрабрувајте ги да не се откажуваат, давајќи им пофалба за тоа колку се трпеливи кога прават нешто што можеби не им оди од рака. Давањето фокус на самиот процес, а не на резултатот е особено важно. На овој начин детето ќе разбере дека не е важно колку пати нема да успее во нешто, се додека не се откажува.

Какви пофалби треба да избегнувате?

Не користете пофалби во однос на нешта врз кои детето нема никаква контрола. На пример, неговата интелигенција, физичкиот изглед или пак атлетски способности. Овие пофалби може да имаат спротивен ефект, односно детето да избегнува предизвици и да развие страв од неуспех. Наместо тоа насочете се кон одлики како: трудољубивост, упорност, сочувство и слично.

Давајќи конструктивни пофалби, му помагате на детето како да размислува и зборува за себе во позитивно светло. Исто така, учи како да препознае кога постигнува добри резултати и да се гордее со себе. Пофалбите ја негуваат самодовербата на детето и развиваат позитивна слика за себе.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира