Многу родители се соочуваат со пребирливи деца кои одбиваат да ја јадат храната која им се сервира. Во ваков случај, најважно е да останете смирени. Викање, присилување и заканување, нема да ви помогнат.
Напротив, децата многу лесно може да развијат поврзаност меѓу непријатно искуство и одредена храна. Особено ако им правите притисок да го завршат оброкот, а тие веќе изеле доволно и се сити. Или пак, ги присилувате да пробаат одредена храна, која им е нова и не им се допаѓа како изгледа, како мириса и слично. Еве неколку начини како да си помогнете:
Нaправете ја храната забавна
Послужете брокула или друг зеленчук со омилениот сос или прелив. Храната сечете ја на малечки, необични облици. Храната што ја сака детето за појадок послужете ја за вечера. Настојувајте да послужувате разновидна и шарена храна.
Не нудете десерт како награда
Нагласувањето на десертот создава порака дека тој е најдобар дел од оброкот што може само дополнително да ја поттикне желбата кај детето за слатка храна.
Почитувајте го апетитот на детето – или недостигот на апетит
Ако детето не е гладно, не присилувајте го на оброк или меѓуоброк. Исто така, не подмитувајте го и не поттикнувајте го да ја „исчисти“ чинијата. Ваквото однесување може само да ја зголеми желбата за борба околу храната, а детето го поврзува времето за оброк со анксиозност и фрустрација.
Бидете трпеливи кога воведувате нова храна
Малите деца обично ги допираат или мирисаат новите намирници или земаат мали залаци, а потоа ги плукаат. Охрабрете го детето да ја проба новата намирница така што ќе зборувате за бојата, формата, текстурата и аромата на храната, а не со сугестивно повторување дека намирницата има одличен вкус. Секогаш вреди правилото дека новата намирница треба да се послужи со омиленото јадење на детето.
Не гответе по нарачка на детето
Подготвувањето на посебен оброк само за детето откако го одбило семејниот оброк може дополнително да го поттикне пребирливото однесување. Охрабрете го детето да остане да седи на маса во текот на оброкот, без разлика дали јаде или не. Бидете истрајни во послужувањето здрави избори за детето сè додека таа храна не му стане блиска и омилена.