Приказната за листата на Дедо Мраз со “добри” и “лоши” деца често се користи за да поттикне „добро однесување“. Но, кога оваа приказна се врзува со дисциплина, може да има негативни последици. Наместо да создадеме условна љубов преку страв или награда, можеме да ја искористиме празничната магија за да им помогнеме на децата да ги интернализираат вистинските вредности.
Какво влијание има врз децата?
Кога им кажуваме на децата дека Дедо Мраз има листа на „добри и лоши“, нивната слика за себе станува условена од надворешни фактори. Тоа може да ги натера да се чувствуваат несигурно и постојано да бараат надворешна валидација, особено ако не разбираат зошто нивното однесување е „лошо“. Покрај тоа, ваквиот пристап ја намалува можноста децата да научат да размислуваат за своите постапки и природните последици што тие ги носат.
Објаснување на непосакуваното однесување
Наместо да користите измислени ликови и казни, разговарајте со вашето дете и објаснете зошто нешто не е дозволено или непосакувано. Што да кажете наместо тоа?
Пример: „Кога играчките не се собрани, можеме да се сопнеме и да се повредиме. Ајде заедно да ги собереме.“
Овој пристап им помага на децата да ја разберат поврзаноста меѓу нивните постапки и последиците.
Поставување на јасни граници
Децата најдобро учат кога имаат јасно поставени граници.
Наместо да велите: „Биди добар или Дедо Мраз нема да дојде.“
Кажете: „Во нашиот дом, важно е да се однесуваме со почит. Ако направиме нешто што не треба, заедно ќе најдеме начин тоа да го поправиме.“
Ваквиот начин на комуникација развива средина во која детето ќе се чувствува сигурно да сподели дека направило грешка, без страв од казна или осуда.
Позитивно засилување
Фокусирајте се на позитивните постапки на детето. Наместо да го поттикнувате детето да се однесува добро поради награда, охрабрете го со валидација на добри постапки. На пример: „Ми се допадна како си сподели со сестра ти. Така покажуваме дека се грижиме за другите.“
Заклучок
Дедо Мраз не треба да биде „алатка за дисциплина“. Наместо тоа, искористете го празничниот дух за да ги подучите децата на емпатија и љубезност. Објаснете им дека празниците се за споделување радост со другите. На пример, со нивна помош подгответе играчки или облека и донирајте ги. Вклучете ги во активности што каде ќе можат да видат како се грижите за некого или му помагате. Зборувајте со нив за важноста на помагањето и прашајте ги како тие следен пат би го примениле истото во секојдневниот живот. Со ваков пристап, празничните денови ќе се претворат во моменти за градење вредности и усвојување принципи што ќе траат цел живот.