3 НАЧИНИ ДА ПРАКТИКУВАТЕ ПОЗИТИВНО РОДИТЕЛСТВО

Од Marija Magdalena Stojcovska

Позитивното родителство и позитивната дисциплина се фокусираат на подучување на добро однесување користејќи љубезност и цврсти граници. Прочитајте три начини за практикување позитивно родителство кои ќе ви помогнат да создадете мирен, среќен дом.

1. Фокусирајте се на причината за непосакуваното однесување

Секогаш има причина зошто детето се однесувало лошо, колку и да таа им звучи смешно на родителите.

За детето тоа звучи сосема разумно и тоа е причината за нивното однесување. Доколку родителот може да разговара за причината директно, дури и ако детето не го добие тоа што го посакува, тоа ќе знае дека неговите потреби се валидирани и препознаени. Имањето емоционална поддршка од родителот е понекогаш поважно отколку да се исполни потребата.

Поставувајте прашања и дојдете до коренот на проблемот. Слушајте внимателно кога детето ви зборува. Откривањето на причините зад непосакуваното однесување, како и давањето објаснување зошто е тоа погрешно може да го спречи истото во иднина.

2. Бидете љубезни, но и строги

Бидете љубезни со своето дете и тоа ќе знае како да биде љубезно со другите и да ги почитува. Децата учат имитирајќи ги другите, а нивниот прв модел сте вие.

Да сте љубезни, не значи дека му дозволувате на детето да прави се што сака. Поставете јасни граници, искажувајќи ги со смирен и пријателски тон. Дајте до знаење дека НЕ значи НЕ, дури и кога е кажано тивко. При поставувањето граници е најважно да бидете трпеливи и конзистентни, на тој начин вашето дете ќе знае на што да ги базира своите идни одлуки.

3. Нежна дисциплина

Дисциплинирањето со казнување најчесто резултира со: омраза и гнев, бунтување, одмаздување и повлекување во себе.

Кога родителите казнуваат и викаат создаваат маѓепсан круг на принуда. Истиот се поврзува со бихевиорални проблеми и деца кои развиваат пркосно однесување наспроти соработка. Додека пак, дисциплинирањето кое не вклучува казна, покажува дека е многу поефикасно при смирувањето на дете кое е вознемирено, со тоа што при ова детето извлекува поука и нов начин на однесување.

Важно е да запомните, позитивниот родителски пристап се фокусира на учење на соодветно однесување, а не на казнување на несаканото однесување.

Би можело да ве интересира