Со огромно задоволство ја претставуваме Нина Милановиќ како првиот соработник кој ќе споделува знаење во нашиот блог – Онлајн Училница! Нина е искусен професор по клавир, виолина и укулеле во приватното музичко училиште My music со повеќе од 10 години работа со деца. Таа е дипломиран музичар и доквалификуван педагог со педагошко-психолошка методиска подготовка при Филозофскиот факултет во Скопје. Преку своите текстови, Нина ќе споделува знаење за влијанието на музиката врз детскиот развој, како и техники за поддршка на музичкиот талент кај најмладите.
Големи и Мали: Нина, добредојде во нашиот блог Онлајн Училница! За почеток, можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за себе и твоето искуство во музичката едукација?
Нина Милановиќ: Ви благодарам! Јас сум дипломиран виолинист и педагог со над 10 години искуство во работа со деца, како и со возрасни кои сакаат да го развијат својот музички талент. Преку едукативни методи што ги комбинираат музичкото знаење со психолошки пристапи, им помагам не само во музичката надградба, туку и во развивањето на други вештини и способности што природно се стекнуваат во процесот на учење.

Големи и Мали: Како музиката влијае врз когнитивниот и емоционалниот развој на децата?
Нина Милановиќ: Музиката има неверојатен ефект врз детскиот развој. Таа не само што ја подобрува меморијата и концентрацијата, туку помага и во развојот на емоционалната интелигенција. Преку учење на инструмент, децата учат како да ги изразат своите емоции, да бидат упорни и трпеливи, да развијат дисциплина и чувство за одговорност кое ќе го применуваат во сите аспекти од животот подоцна.
Големи и Мали: Како родителите можат да ја поддржат музичката едукација на своите деца?
Нина Милановиќ: Поддршката од родителите е клучна. Важно е тие да создадат позитивна средина во која детето ќе се чувствува мотивирано, а не под притисок. Родителите можат да помогнат со тоа што ќе ги охрабруваат децата да вежбаат редовно и ќе покажат интерес за нивниот напредок. Истовремено, треба да избегнуваат прекумерен притисок, бидејќи тоа може да создаде контраефект.
Големи и Мали: Многумина велат дека музиката учи на трпение и посветеност. Дали се согласуваш со тоа?
Нина Милановиќ: Апсолутно! Учењето инструмент бара дисциплина и редовно вежбање, што ги учи децата на трпение и посветеност. Тоа е процес кој бара време, но наградата е огромна – децата се чувстуваат дека создале или извеле нешто вредно и поради тоа градат самодоверба која ќе биде темел за понатака во животот. Колку повеќе се труделе да го постигнат тоа, толку е поголемо задоволството коа ќе успеат. Ги доживуваат моментите на успех како лични победи, што им помага да изградат позитивен однос кон учењето и предизвиците.
Големи и Мали: Како музиката помага во градењето на комуникациски вештини и креативност?
Нина Милановиќ: Музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето. Кога децата свират заедно во групи или оркестри, тие учат да комуницираат, да соработуваат и да се слушаат меѓусебно. Преку овој процес, развиваат почит кон другите и свесност за важноста на секој член во колективот, создавајќи чувство на заедништво и заедничка цел. Покрај тоа, музиката ги поттикнува децата да размислуваат на иновативен и креативен начин, охрабрувајќи ги да истражуваат различни форми на самоизразување.
Големи и Мали: Што можат да очекуваат читателите од твоите текстови во Онлајн Училница?
Нина Милановиќ: Моите статии ќе бидат информативни, но и инспиративни. Ќе зборуваме за основите на музиката, но и за подлабоки теми како што се развојот на музичкиот талент, важноста на трпението и кои методи и принципи треба да се применат да се оствари целта. Ќе имам и практични совети за родителите, за тоа како да ја поддржат музичката едукација на своите деца.
Големи и Мали: Благодариме, Нина! Со нетрпение очекуваме да ги читаме твоите текстови и да учиме заедно со тебе.
Нина Милановиќ: Ви благодарам! Се гледаме во Онлајн Училница!
