КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИТЕ ЗА ДОАЃАЊЕТО НА БЕБЕТО?

Од Darko Kodar

Раѓањето на бебето е една од најголемите животни промени што ќе ги доживеете.

Овие совети ќе ви помогнат да се подготвите за родителството и да се справите со стресот кој доаѓа со раѓањето на бебето.

За време на бременоста, вашите приоритети, вредности и очекувања може да се променат, понекогаш драстично. Оваа промена може да ги изненади другите, вклучително и вашето семејство, партнерот, и пријателите.

Најважно е да разберете дека ова е нормален дел од преминот кон родителство и најверојатно со себе ќе донесе широк спектар на емоции, од возбуда и радост до амбивалентност и страв.

Дали се прашувате како да се подготвите за раѓањето на вашето бебе?

Тешко е да се знае точно како ќе се чувствувате штом ќе пристигне вашето бебе, па затоа подолу подготвивме неколку корисни совети кои ќе ви помогнат да се подготвите за оваа нова авантура.

Направете план

Имањето бебе (особено вашето прво) може да изгледа како огромен скок во непознатото. Тешко е да се предвидат сите начини на кои ќе се промени вашиот живот, но едно е сигурно – вашиот живот ќе се промени. Чувството на несигурност кое доаѓа со раѓањето на бебето може да донесе со себе и чувство на вознемиреност и стрес. За да го избегнете ова, имањето листа со нешта кои ќе треба да ги направите ќе ви помогне да уживате во првата година од животот на бебето и да не бидете под постојан стрес.

Имајте буџет

Отплатете ги долговите и зачувајте доволно пари за 3-6 месеци, ако е можно, за да имате финансиска стабилност. Разговарајте со вашиот работодавец дали и кога ќе се вратите на работа. Важно е да се подготвите за промена во балансот работа-живот. Како ќе изгледаат вашите секојдневни обврски? Дали вашиот работодавец е отворен за флексибилен распоред?

Разговарајте со вашиот партнер и направете распоред

Направете распоред за завршување на домашните задачи, како што се купување намирници, перење алишта или чистење на куќата. Имањето план може да ги намали вашите грижи, давајќи ви чувство на контрола и компетентност. Се разбира, флексибилноста е исто така важна. Во текот на првите неколку недели по пристигнувањето на вашето бебе, распоредот веројатно нема да го следите целосно, додека се прилагодувате на вашето ново бебе. Меѓутоа, имајќи го тој распоред, ќе ви помогне побрзо да се вратите на удобната рутина.

Опуштете се

Повеќето од оние кои првпат добиваат бебе се сомневаат во својата способност да бидат родители, но еве една мала тајна: ќе направите некои родителски грешки. Нема да бидете совршен родител, бидејќи совршениот родител не постои. За среќа, на децата не им се потребни совршени родители. Тоа што им е потребно се посветени, љубезни родители кои се трудат да дадат се од себе – родители кои признаваат кога направиле грешка и продолжуваат да учат и да стануваат подобри.

Грижете се за себе додека сте бремени

Веројатно ќе добиете многу несакани совети за бременост во текот на вашата бременост во однос на работите што функционираат за вашите пријатели или соработници, но не заборавајте на важноста да се слушате себе и своето тело. За време на бременоста, вашето тело работи прекувремено; физичкиот замор може да ги влоши симптомите на емоционално преоптоварување. Поминувајте барем неколку минути секој ден посветувајќи си време на себе. Кратко дремнете, прошетајте, вежбајте јога или медитација, грицкајте здраво. Легнете си рано и обидете се да имате постојан распоред. Ќе ви требаат и физички и емоционални резерви за да се справите со предизвиците од првите неколку недели од родителството. Гледајте на бременоста како време на подготовка за родителство.

Управувајте со стресот во врската

Промените на бременоста и родителството може да предизвикаат стрес во врската со вашиот партнер, додека се обидувате да го средите вашиот нов живот и улоги. Бидете трпеливи со себе и со партнерот. Поминувајте време заедно и искрено разговарајте за вашите надежи и стравови.

Користете ја вашата мрежа за поддршка

Природна е тенденцијата да се свртите кон себе додека се подготвувате за породување, а можеби ќе се чувствувате премногу уморни после долгиот ден за да се дружите, но немојте целосно да се откажете од друштвото на пријателите. Вашето семејство и пријатели можат да бидат извор на поддршка и нега, и сега и по доаѓањето на бебето. Одржувајте врски и не заборавајте да побарате помош додека се приближува големиот ден.

Бременоста е време на транзиција и промена. Искористете го ова време за да ги артикулирате и да ги решите сите стравови што ги имате, да изградите силна мрежа за поддршка и да воспоставите предвидлив, стабилен начин на живот за вашето семејство.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со ситеновости!

Би можело да ве интересира