КАКО ДА РАЗВИЕТЕ ПРАВИЛНИ ДЕНТАЛНИ НАВИКИ?

Од Marija Magdalena Stojcovska

Развивањето на навики за правилна дентална хигиена уште од најрана возраст, може да биде круцијално при создавањето убава и здрава насмевка. Добрата орална хигиена и балансирана исхрана може да помогнат во превенција на дентални проблеми како кариес или болести на непцата.

Многу често родителите се прашуваат кога би требало да започнат со четкање на забите на своите деца. Професионалците велат, веднаш штом се појави првото запче.

За да развиете добри дентални навики, треба да развиете забавна рутина која кај вашето дете нема да предизвика одбивност. Неколку примери за како да го направите целиот процес забавен:

БИДЕТЕ ПРИМЕР

Малите деца сакаат да прават се што вие сакате да правите, а тоа може да вклучува и четкање заби. Дозволете им да ве гледаат кога ги четкате забите и направете процесот да изгледа забавно, па и тие сигурно ќе посакаат да го направат истото што и вие.

Објаснете им го процесот додека ги четкате забите, коментирајте за тоа дека правите кружни движења со четката, а потоа ја плакнете устата од пастата со вода.

САМИ НЕКА ЈА ОДБЕРАТ СВОЈАТА ЧЕТКА ЗА ЗАБИ

Нека си одберат четка со нивниот омилен лик од цртан филм или пак во нивната омилена боја, што сигурно ќе направи да сакаат често да ја користат! Кога ќе ги четкаат забите, пејте песничка заедно за да бидете сигурни дека ќе четкаат барем 2 минути. И не заборавајте, одберете детска паста за заби која нема да има толку интензивен вкус како тие за возрасни.

ЧИТАЈТЕ КНИГА ЗА ЗАБИТЕ И ЗА ОДЕЊЕТО НА СТОМАТОЛОГ

Читањето приказна за одење на стоматолог или пак која вклучува грижа за своите заби, може да помогне во подготовката за првата посета на стоматолог. Ваквото подготвување ќе направи детето да знае што може да очекува при посетата и да ја намали веројатноста од тантруми и страв.

ИГРАЈТЕ ИГРИ

Четкајте ги “забите” омилената играчка, притоа објаснете зошто е важно да се прави тоа многу често. Или пак, купете сет играчки за поправка на заби. На овој начин детето ќе види како изгледаат инструментите на стоматологот и ќе биде подготвено за својот прв преглед.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира