КАКО ДА МОТИВИРАТЕ ДЕТЕ КОЕ СЕ ОТКАЖУВА?

Од Marija Magdalena Stojcovska

Сите деца се имаат соочено со задача или активност која е досадна, тешка или пак можеби во моментот премногу за нив, и се откажале. Истрајноста и пронаоѓањето ефективни начини за справување се круцијални во надминувањето на предизвиците, не само кога се деца туку и во текот на целиот живот.

Кажувајќи му на вашето дете: “Знаеш ли колку е скапо ова?! Никогаш веќе нема да те запишам на нешто ако вака се откажуваш!” нема да помогне.

Наместо тоа, помогнете му и дајте му мотивација!

Помогнете им да видат колку многу имаат постигнато

  • “Погледни колку многу нови нешта научи, кога почна да одиш на пливање воопшто не знаеше да пливаш, нели?”
  • “Веќе знаеш да ја свириш оваа песна! Пред еден месец не знаеше да отсвириш ни една нота.”

Дајте им време и простор

  • “Сакаш ли да направиш пауза? Можеби за некое време ќе сакаш повторно да се вратиш на пливање?“
  • “Ајде да направиме пауза. Сакаш ли да ми објасниш кои се причините поради кои се откажуваш?”
  • “Ајде да зборуваме. Што те натера да сакаш да свириш?”

Учете ги да бидат трпеливи и да сочувствуваат со себе

  • “Знам колку си обесхрабрен/а. Сакам само да запомниш дека на твојот мозок, исто како и на мојот му треба време да научи нови нешта.”
  • “Гледам колку те нервира и мачи ова. Како можам јас да ти помогнам?”

“Биди трпелив/а со себе. Твоето тело и мозок вредно работат за да научат нешто ново.”

Што е важно да имате на ум во овие ситуации?

Обидете се да не бидете вознемирени, колку и да е неочекувано. Вашето дете ќе биде вознемирено кога ќе се обиде да ви соопшти дека сака да се откаже од активноста, каква и да е. Па, обидете се вие да ја смирите ситуацијата.

Разговарајте со нив, проверете дали постои можност да се преговара за одлуката и кои се причините за истата. Можеби се само изморени? Или пак исплашени, или премногу очекувале од себе, премногу брзо?

Исто така, важно е да запомните дека откажувањето не е секогаш лошо! Да се знае кога треба да се откажеме од нешто е важна животна вештина.

Дозволете им да бидат одговорни за својата одлука. На овој начин, ќе пораснат во возрасни кои зрело и со самодоверба ќе можат да носат важни животни одлуки и ќе бидат свесни за негативните и позитивните исходи од истото.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира