НИНА МИЛАНОВИЌ: ПОДИУМ – ТАЈНАТА ФОРМУЛА ЗА САМОДОВЕРБА

Од Marija Magdalena Stojcovska

Пролетта е веќе тука, а за нас, како родители и педагози, ова не е само убаво време, ова е и можност. Пролетта нè потсетува дека развојот на детето не се случува само во училница или од домашната задача, туку и во моментите кога му даваме простор да се изрази.

Еден чекор што може да промени сè

Што ако ви кажам дека еден единствен чекор може да го смени начинот на кој вашето дете се гледа себеси? И тоа не преку долгогодишна терапија, ниту преку казни или пофалби, туку преку нешто едноставно – да му дадете сцена. Подиум.

Подиумот како алатка, не како притисок

Сега е идеалниот период да го поставиме детето на подиум. Во овој период на будност и отвореност, децата се порелаксирани, пореактивни на позитивна стимулација. Настапот пред други не треба да се гледа како притисок, туку како едукативна алатка – начин да се поттикне личниот развој, самодовербата, и свесноста за сопствениот напредок. Родителот, со поддршка и охрабрување, со правилно водство, може да направат од овој момент нешто многу повеќе од обичен настан – почеток на една нова фаза во растењето на детето.

Што се случува кога детето ќе застане пред публика?

Можеби изгледа како мала работа, но кога детето ќе застане пред публика – било тоа на концерт, училишен настан или семејна прослава – почнува да се случува нешто големо. Децата преку музиката не учат само како да свират. Тие учат како да пробаат, како да не се откажуваат и како да извлечат лекција од секоја грешка.

Мали чекори – големи придобивки

Секој настап е шанса да разберат дека трудот секогаш има вредност, дури и кога резултатот не е совршен. Настап по настап, тие стануваат посигурни, поупорни и – најважно – почнуваат да се препознаваат себеси.

Место каде се чувствуваат свои

Замислете што би се случило ако на секоја посебна прилика, детето биде поставено на сцена каде што се чувствува удобно да го изрази својот талент. Почнува да гради самодоверба, снаодливост, чувство за индивидуалност. Ги учи првите чекори кон самостојно донесување одлуки – од изборот на стил до композицијата што ќе ја свири. Тоа не се мали работи. Тоа е почеток на зрелост.

Преку подиумот, децата развиваат:

  • Самодоверба што не се базира на туѓо одобрување
  • Способност да пробаат повторно, дури и кога ќе згрешат
  • Навика да носат сопствени одлуки и да стојат зад нив
  • Социјални вештини преку заедничко музицирање
  • Почитување на процесот, не само на резултатот

Подиумот како дел од растот

Во нашата онлајн училницата, овие принципи не се само зборови. Подиумот е дел од процесот. Настапите се дел од растот. Секое дете добива простор да избере, да проба, да настапи. Да биде слушнато, без да мора да биде совршено.

Кога децата самите одбираат што сакаат да свират, како сакаат да изгледаат на сцена, тие учат да го ценат своето мислење. Не она што „треба“, туку она што ги опишува. А кога ќе ги охрабрите да свират со некој друг инструмент или со друго дете, мотивацијата расте, а социјалните вештини се развиваат природно. Не како лекција, туку како искуство.Музиката им дава можност да се изразат на свој начин – и тоа младите го чувствуваат. Им треба простор каде ќе можат да експериментираат без страв, да се обидуваат повторно, да добијат аплауз и кога ќе згрешат.

Не го чекајте идеалниот момент – тој е веќе тука

Затоа, ако сакате вашето дете да гради сигурност, не го чекајте „идеалниот момент“. Тој момент е сега. Подиумот не е само место за настап – туку алатка за изградба на карактер.

Повеќе за Нина дознајте тука, а доколку сакате да добивате известувања од Онлајн Училница, пријавете се за нашиот newsletter.

Би можело да ве интересира