НЕКОЛКУ НАЧИНИ КАКО ДА ГО ПОТТИКНЕТЕ КОГНИТИВНИОТ РАЗВОЈ НА ВАШЕТО ДЕТЕ (2/2)

Од Marija Magdalena Stojcovska

Имагинација и креативност

Негувањето на креативноста и имагинацијата на детето му помага да развие апстрактно размислување и вештина за решавање проблеми. Способноста на вашето дете да развива нови мисли и идеи е неопходна за продуктивен возрасен живот.
Активности кои може да поттикнат развој на креативност и имагинација вклучуваат играње со песок, цртање и боење, правење форми од глина или пластелин, како и читањето приказни заедно со родителот.

Емоционални вештини

Нежниот физички контакт со вашето дете и создавањето на безбедна и грижлива средина е од клучно значење за развојот на мозокот на детето. Со тоа, вие како родител овозможувате детето да порасне во социјално прилагодена личност. Колку повеќе нега, грижа и љубов добива, толку побезбедно ќе се чувствува детето и ќе има стабилна емотивна состојба. Најраните искуства на детето со вас ја поставуваат основата за идниот возрасен. Преку раното искуство, детето учи како да ги препознава и да се справува со своите чувства, а истото е тесно поврзано со начинот на кој подоцна ќе размислува и ќе се однесува.

Интересна активност која можете да ја примените е игра со кукла или со кадифено животно. Заедно одберете играчка за која ќе се грижите и ќе ја гушкате, ќе и читате приказни и заедно ќе ја заспивате.

Физички вештини

Грубите и фини моторни вештини, рамнотежата и координацијата око-рака се неопходни за многу активности – од пишување до спортски способности.
Кога детето е вклучено во физичка активност, тоа вежба многу делови на мозокот и ја подобрува функцијата преку тоа што му обезбедува повеќе кислород. Дури и мали мускулни вежби како игра со прсти го стимулираат растот на мозокот.
Интересна активност за развивање на физичките способности е правењето меурчиња од сапуница. Вие правете меурчиња, додека детето се обидува да ги фати сите. Можете и да ги правите во две големини користејќи различни стапчиња, укажувајќи му на детето да ја забележи разликата меѓу малите и големите балончиња.

Социјални вештини

Раните социјални и емоционални искуства се зачетокот на човечката интелигенција. Социјалните и емоционалните вештини што ги развива детето, го одредуваат квалитетот на неговите односи со луѓето во целиот тек на животот.
Една од поважните социјални вештини е способноста да се споделува со други.

Истото можете да го развивате секојдневно. На пример, дајте му играчка на детето и дозволете му да си игра со неа одреден период. По некое време прашајте го дали би можеле вие да ја добиете играчката за да си поиграте со неа. По одреден период вратете му ја и заблагодарете се што ја сподели со вас. Повторете го процесот со различни играчки или предмети.

Би можело да ве интересира