НЕКОЛКУ СТРАТЕГИИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ТАНТРУМИ

Од Marija Magdalena Stojcovska

Не постои еден вистински начин да се справите со тантруми, но поголемиот дел експерти се согласуваат околу тоа што нема да помогне.

На врвот на листата на погрешни начини се физичко казнување и гласно викање, но и подмитување, молење и исполнување на секое барање се сметаат како лоши стратегии.

Доколку секогаш го исполнувате секое барање, го наградувате тантрумот и можете да бидете сигурни дека тој ќе се повторува многу често.

Најважно е да запомните, кога го дисциплинирате вашето дете фокусирајте се на неговото однесување без да го нападнете емоционално.

Користете тајмер

Бидете подготвени за ситуации во кои можете да очекувате тантрум, на пример: време за спиење, одење дома од парк, гледање на омилената емисија/видео.

На пример, малку пред времето за спиење, договорете се со вашето дете дека ќе вклучите тајмер. Кога истиот ќе истече, ќе започнете да се подготвувате за спиење. Дозволете му на детето да го притисне копчето за тајмерот, истото ќе му даде чувство на контрола (децата обожуваат да имаат моќ своите рачиња). Кажете ДА – “За 15 минути одиме да облечеме пижами и да спиеме, а утре пак ќе си играме. Договорено?”.

Се прашувате зошто тајмер? И како тоа ќе помогне да избегнете тантрум?

Некаде до седмата година од нивниот живот децата немаат развиено концепт за времето, како што имаат возрасните. Поради тоа, важно е сликовиот да им покажете како изгледаат 5, 10 или 15 минути.

Овде може да ви помогне користењето на тајмер. Бенефит од ова е, како што веќе напоменавме е и чувството на контрола.

Дајте им избор

Тајмерот истече, време е за подготовка за спиење…
Давајќи им избор, борбата за моќ и контрола станува соработка меѓу вас и вашето дете.
Како може да изгледа тоа:

“Сакаш да одиш до твојата соба со мене или сакаш јас да те однесам?”

“Кои пижами ќе ги носиш денес? Со еднорогот или пак ги сакаш оние со месечини и ѕвезди?”

“Ќе одбереш која книга ќе ја читаме денеска?”

Дајте им до знаење дека ги препознавате нивните чувства

Прекинувањето на активност која на нив им е омилена во моментот може да биде фрустрирачки. Дајте им до знаење дека се чуени и нивните емоции се валидирани. Малите деца се уште не можат вербално да ги изразат своите емоции, па најчесто тоа води до тантрум. Во тие ситуации, вие бидете нивниот глас:
“Знам дека си тажна/ен бидејќи треба да си одиме дома. И мама е тажна понекогаш, ама утре можеме пак да дојдеме и да си играме, океј?”

“Знам колку сакаш да гледаш Frozen и во ред е да си лут/а бидејќи времето за гледање заврши. Утре кога ќе станеме, ќе гледаме пак. Како ти се чини тоа?”

Понекогаш можеме да заборавиме дека нашите мали деца се вистински мали личности со вистински ГОЛЕМИ чувства. Може да е фрустрирачки ако тие почувствуваат дека нивните емоции не се валидирани, особено од најважните луѓе во нивниот живот, а тоа сте вие.

Поставете јасни граници и држете се до нив

Дајте до знаење дека е во ред да се тажни, лути, гневни. Препознајте ги нивните чувства и покажете им го тоа.

НО! Држете се до тоа што сте го кажале:

“Гледам дека си лут/а бидејќи треба да го исклучиме таблетот. Океј е да си лут/а поради тоа, ама утре можеш повторно да гледаш видеа кои ти се допаѓаат. А сега е време за спиење”.

Не преговарајте за границите и не ги објаснувајте, едноставно повторете. Смирено, цврсто и одлучно.

Децата се уште немаат развиено механизам да ги регулираат своите чувства и затоа при најмала фрустрација се јавува плачење, викање и негодување. Вашата улога е да бидете смирената страна и да им јасно да им ја обележите границата која не треба да ја поминат.


За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира