ЈАСМИНА ТОДОРОВСКА – ЕДУКАТОР И УМЕТНИЦА

Од Darko Kodar
ЈАСМИНА ТОДОРОВСКА - ЕДУКАТОР И УМЕТНИЦА

Како родители секојдневно се соочуваме со бројни предизвици и прашања, и секогаш е подобро кога ќе чуеме искуства од други родители и ќе видиме дека не сме сами во тоа. Разговаравме со Јасмина Тодоровска, уметница и едукатор, за нејзиното родителско искуство и филозофија, детската креативност и како да ја негувате и развивате уште од најрана возраст.

Која е Јасмина?


Едукатор и уметница. Мајка на Сина, жена што сака да готви, девојка која сака да се дружи
и планинари.


Која е вашата родителска филозофија?


Никогаш не сум имала заокружена строга филозофија за тоа како ќе го воспитувам моето дете. Кога ја добив Сина сфатив дека е добро тоа што немам план или пак конкретна метода, туку сум отворена за играње и учење. Секојдневно се изненадувам од креативноста и отвореноста на децата и нивниот начин на осознавање на светот. Па ако се изразам преку филозофскиот дискурс, би рекла дека поблизок ми е Платон, и неговиот свет на идеи, каде се осознаваат одново примарните компоненти околу нас, отколку ограничените, зададени дефиниции на Аристотел.


Што е најважно за еден родител според вас?


Да се сака и почитува себе си, па оттаму и неговото дете. Да прифати дека е во ред да греши. Да е спремен да му ја даде слободата на детето. Да биде отворен за сите промени што се случуваат при развојот и растот на детето.


Како вашата професија влијае врз вашиот родителски стил на воспитување?


Тоа што сум уметница и наставничка ме прави построга во воспитувањето на мојата ќерка. Иако, навистина верувам во слободата, и нејзината важност, сепак, во најголемата слобода се наоѓаат најцврсто зададените правила. Па оттаму, за правилно да се ужива и изразува креативноста/слободата, треба да се изградат некои загради до каде (не) смее. Дури и игрите се составени од правила и последици, кои ако не се почитуваат, не важи играта.

Како родителите можат да помогнат во развивање и охрабрување на креативноста на своето дете?

Децата по нивната природа се креативни. Родителите треба само да се обидат да ја одржат нивната креативност. Од една страна, да им се даде слобода и достапност за користење на различните алатки за изразување, да поминуваат колку можат повеќе време во природа, а од друга страна да им се ограничи времето пред монитор.


Зошто креативноста е важна за децата според вас?


Дeцата уште од најмала возраст, учат за светот околу себе преку играта. Со гризање, допирање, фрлање, преку љубопитноста, ги осознаваат предметите околу нив, како и доаѓаат до нивната точка на гледиште најпрво на нивната блиска околина, па подоцна и пошироко, како го восприемаат светот. Сето тоа осознавање е креативност, креираат
слики, приказни, креираат перцепција на сè што е околу нив. Па оттаму верувам дека креативноста е во природата на нештата, и влијае во сите понатамошни сфери на растење и учење, осознавање себеси, другиот и околината.

За вебинари поврзани со повеќе теми за родителство, пријавете се на нашиот newsletter и бидете во тек со сите новости!

Би можело да ве интересира